Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, со директорот на ЈП Улици и патишта Борис Настов и директорот на ЈП Паркови и зеленило Ангеле Сотировски денеска го најавија проектот за целосна реконструкција на левата страна на кејот на река Вардар, која ќе се одвива во повеќе фази со цел воспоставување на мултифункционален модерен јавен простор со ново зеленило, пешачки, вело патеки и нова урбана опрема во интерес на сите граѓани.

Со овој проект планираме првично обнова на овој дел од кејот на реката Вардар од над 3 километри должина, нова велопатека во површина од 2.500 м2 и нова пешачка патека во површина од 2.500 м2, формирање на нова зелена површина во која се предвидени над 71.330 садници сезонско цвеќе и 1360 зимзелени и листопадни садници ниска вегетација, нова хидрантска мрежа, урбана опрема, садови за отпадоци, ново осветлување и партерно уредување од над 26.363 метри квадратни, истакна градоначалничката Арсовска.

Арсовска посочи дека остварувањето на оваа инвестиција ќе се одвива во три етапи. Првата се однесува на потегот од мостот „Мајка Тереза“ до ПИОМ, втората до паркот на езерата во Аеродром и третата, до мостот „Тодор Александров“ во општина Аеродром.

Овој проект е дел од најавената летна градежна офанзива, која се одвива според предвидениот интензитет, за разлика од импровизациите и ветувањата за реализација во минатото кои за жал резултирале само со делумно чистење само во некои делови на кејот. Пристапот на новиот тим на градското раководство е поинаков, мораме да имаме сериозна анализа, стабилен и оддржлив проект, ревносна подготовка, обезбедени финансиски средства и јасен план за брза и ефикасна имплементација, вели Арсовска.

Градоначалничката исто така посочи дека крајна цел на овие инвестиции е остварување на ветените проекти, за модерно и урбано Скопје, во кое се обезбедуваат подобри услови за сите граѓани.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.