Започнува изградбата на нова водоводна линија, на улицата „Илија Ристевски” со краците, во месноста Порупи село Драчево. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес го промовираше овој проект, кој е шести од предвидените седум капитални проекти по повод роденденот на Кисела Вода.

Важноста на овој проект и неговата класификација како капитален, се огледува во фактот што постојната мрежа од која досега се снабдуваа жителите е стара повеќе од 60 години, односно е градена во време кога населеноста, а со тоа и потребите биле значително помали. Дополнително, големи проблеми се појавуваат поради притисокот што се јавува врз оваа водоводна мрежа бидејќи истата минува низ дворовите и куќите на жителите на оваа улица и краците што гравитираат кон неа.

До средината на август ќе заврши изведбата на новата водоводна линија долга 1450 метри со што населението ќе добие квалитетни и современи услови, какви што доликуваат на живеењето во 21 век.

Општина Кисела Вода апелира до граѓаните кои живеат во овој дел на селото Драчево за трпение и разбирање додека траат градежните работи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.