Безбедноста во сообраќајот е еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи. Како министер за внатрешни работи, но и како граѓанин, апсолутно ја поздравувам и поддржувам иницијативата на Автомото сојузот на Македонија за приклучување кон проектот за зголемување на степенот на сообраќајна безбедност, особено на оние популациски групи како што се во конкретниов случај бремените жени, односно мајките и дечињата до тригодишна возраст, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на презентацијата на проектот “Безбедни семејни паркинг зони“.

 

МВР потпиша меморандум за соработка со носителот на проектот Авто мото сојузот на Македонија, како и Министерството за транспорт и врски, ЗЕЛС, Факултетот за безбедност и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство за заеднички активности околу негова реализација.

 

Како министер за внатрешни работи сакам веднаш да нагласам дека полицијата како и претходно, така и сега, е целосно отворена за соработка, за заедничко разгледување на сите идеи и предлози – како, кога, на кој начин ќе може сето тоа да се операционализира, а првенствено во интерес на нашите граѓани, односно во интерес на подигањето на нивото на сообраќајна безбедност – рече министерот Спасовски.

Планирано е обележување на посебно паркинг- место на паркинзите, резервирано за бремени жени и возачи на возила во кои се превезуваат деца до тригодишна возраст. Возилата на целните групи ќе бидат обележани со налепници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.