Рекордни 948 микрорграми ПМ честички на метар кубен синоќа беа измерени во скопската општина Гази Баба. Воздухот смрдеше, тешко се дишеше, не се излегуваше од дома, велат жителите на една од најзагадените општини во Скопје.

И додека граѓаните се гушат, најповиканите – Министерот и заменикот за животна средина денеска останаа недостапни за да одговорат пред јавноста што планира Владата да преземе оваа година за намалување на загадувањето. И Нуредини и Макрадули одлучија да молчат, објави тв 24.

Од министерството испратија само соопштение во кое што тврдат дека податоците за загаденоста во Гази Баба не се валидни поради тоа што инструментот за мерење бил дефектен.

Податоците за квалитетот на воздухот во Гази Баба од 22 часот вчера до 14 часот денеска се невалидни и тие не се одраз на извршени мерења на инструментот за мерење суспендирани честички со големина до 10 микрометри од Автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух во општината, туку се одраз на соодветен код од инструментот кога тој има дефект – велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Црвен аларм има и денеска во речиси сите скопски општини, но за активирање на вонредните мерки ќе се чека два дена по ред загадувањето да биде над 180 микрограми ПМ честички на метар кубен. Владата нема да го намали прагот на загаденоста за активирање на мерките, иако министерот за здравство поднесе таква иницијатива.

Имавме повеќе средби и разговори со претставници на министерството за животна средина. Јас најавив дека ќе иницираме такви средби на кои ќе разговараме за критериумите кога се прогласуваат такви вонредни ситуации. Морам да потенцирам дека ние ги пратиме европските стандарди согласно европските критериуми на европската комисија. Тоа што ние од здравствен аспект гледаме е тоа да критериумите на Европската Комисија и на СЗО се разликуваат, но тоа е така насекаде во Европа и затоа има став дека тие критериуми односно тој праг ќе се намалува но секоја година консекутивно затоа што очекуваме мерките да дадат резултати – вели Венко Филипче, министер за здравство.

Државата воопшто не ја интересира ниту како аерозагадувањето влијае врз здравјето на населението, бидејќи не постои ниту една студија во која конкретно се објаснети и истражени ефектите од аерозагадувањето врз здравјето на населението а особено врз здравјето на децата и бебињата.

Но, затоа Светската Здравствена Организација проценува дека аерозагадувањето е причина за предвремено раѓање на бебињата, појава на карцином и други болести кај населението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.