Здружението „City Scope“ реагира по повод распишаниот конкурс за летна сцена на местото на Универзална Сала.

Нивната реација Ви ја пренесуваме во целост.

Во знак на 57 годишнината од земјотресот, градоначалникот на Скопје ќе ја руши Униврзална сала!

Денес, еден ден по одбележувањето на 57 години од земјотресот во 63-та, градоначаникот на Скопје, Петре Шилегов излегува со конкурс за „парк со летна сцена на местото на Универзална сала“.

Вчера сите се навративме на страотните спомени, но и надежта за едно поубаво и похумано Скопје, па затоа апелираме до Град Скопје и градоначаникот Петре Шилегов да го повлече објавениот конкурс за „парк со летна сцена на местото на Универзална сала“.

Универзална сала е дел од симболите на градот, коишто потсетуваат дека Скопје е град на солидарноста. Издигнат од пепел, со сета меѓународна и југословенска помош, Скопје го преживеа еден од најтешките периоди во историјата, земјотресот во 63-та година. Тогаш сите заедници од целиот свет биле обединети со една цел, помош за обнова и повторна изградба на Скопје. Хуманоста и солидарноста со која се изградил овој град се гледа и преку примерот на Универзална сала. Финансиски поддржана од 25 држави, проект и изградба од бугарска фирма, Универзална сала е историјата и идентитетот на градот. Ова е симболот на сета солидарност и помош што градот ја добил, симбол којшто градот треба да го негува и одржува. До сега во неа се одржани сите култни културни случувања во земјава, а граѓаните се навраќаат со убав спомен од „Универзална“.

ДА, на градот му треба поголема и посовремена концертна сала, но не и уништување на симболот на градот. За сала со поголем капацитет потребна е друга поголема и попристапна локација.

ДА, на градот му требаат и нови паркови и зеленило, но не на местото на овој објект. Универзална сала не треба да биде компензација за зеленилото на фабриката Треска со спорниот ДУП.

ДА, на градот му треба сеопфатно урбано планирање и градски архитект, а не расцепкани, избрзани и неквалитетни решенија кои го дополнуваат хаосот и самоволието во сите општини. Конкурс не секогаш е решение и е далеку од сеопфатно решение на ниво на град. А и досега се покажал како чисто популистичка и манипулативна процедура за злоупотреба на јавното добро.

На градот потребни му се други рушења на објекти кои узурпираат јавен простор, попречуваат проток на движење или се дивоградби, секако тука не смее да спаѓаат симболи на градот Скопје. Да не ни се повтори создавање на наметнати и непрепознатливи симболи, туку да ги заштитиме и одржуваме оние кои веќе ги имаме. Градителското, културното и природното наследство мора сами да го вреднуваме преку негова заштита и валоризација.

Апелираме и до сите чинители на јавниот простор и до сите поддржувачи да се приклучат во намерата за зачувување на Универзална сала или најмалку да се приклучат кон бојкотирање на овој конкурс.““

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.