Во Скопје никој не е и никогаш нема да биде над законот!, порача вечерва скопскиот градоначалник Петре Шилегов на „Фејсбук“, споделувајќи го записникот од МВР во кој се прикажува казната за арачиновецот кој со своето „бентли“ дивееше на плоштад „Македонија“, ги загрози, вознемири и исплаши присутните граѓани.

МВР брзо реагираше откако на социјалните мрежи беа прозвани и градоначалникот и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Од таму соопштија дека вечерва околу 19 часот е пронајден и санкциониран Б.А. од Арачиново, кој со патничко возило се движел по плоштадот во Скопје и ја загрозил сигурноста на присутните граѓани.

Според записникот кој го сподели Шилегов, возачот е казнет според членот 187 став 6 од Законот за безбедност во сообраќајот, за кој има мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност и 25 негативни бода.

Благодарност до МВР и министерот Оливер Спасовски за брзата реакција. На сопственикот на Бентлито кое вечерва се движеше на градскиот плоштад му е врачен записник за сторениот сообраќаен прекршок, гордо завршува Шилегов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.