Наплатата на сметките за вода е ниска особено во Сарај и во наредниот период ќе работиме да се зголеми во сите општини, вели директорот на скопското ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински. Според податоците на претпријатието, наплатата на ниво на Град Скопје кај физичките лице е околу 50 отсто, додека институциите и стопанските субјекти околу 35 отсто.

„Кога зборуваме за Сарај, би сакал сите заедно да се сложиме за една работа, а тоа е дека од изворот Рашче од каде што целиот град се снабдува со вода за пиење, околу 15 проценти се троши токму во Сарај. Наплатата пак таму е исклучително ниска. Водата е ресурс којшто не смееме да го потцениме, бидејќи во иднина ќе се соочиме со проблеми доколку не ја подигнеме свеста за нејзиното рационално користење, а исто така и за наплатата“, рече Перински.

На денешната седница на Советот на Град Скопје на дневен ред беше инвестиционата програма за оваа година на претријатието. Како што кажа Перински, во инвестиционата програма се предвидени средства за реконструкција и одржување како на водоводната, така и на канализационата мрежа.

„Во периодот којшто следува заедно со Општините и Град Скопје ќе направиме план на приоритети, врз основа на кој ќе делуваме заедно со локалните самоуправи со цел што е можно повеќе да ја унапредиме оваа мрежа“, кажа Перински пред советниците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.