Во трговскиот центар Беверли Хилс, во населбата Капиштец, е отворен нов пензионерски клуб.

Градоначалникот на Општина Центар, Горана Герасимовски, беше во посета на пензионерите, при што им однесе шах, домино, карти и дама, како дополнителни активности за дружење и релаксација.

Здружението на пензионери во Општина Центар со над 10.000 членови е едно од најбројните и најактивните здруженија на пензионери на ниво на државата. Токму затоа е важно постојано да воведуваме нови активности и поинтензивни соработки. Со пензионерите овде во Капиштец имав одлично дружење, разговаравме за потребите и новите активности кои ја зацврстуваат социјализацијата меѓу нив. Важно е да се грижиме за нашите највозрасни граѓани, затоа што им го должиме тоа – истакна Герасимовски.

Од Општина Центар информираат дека следната година ќе бидат отворени два нови пензионерски клуба, едниот во Крњево, а другиот близу Универзална сала.

Од Општината додаваат дека во соработка со здружението „Хуманост“, обезбедуваат бесплатна медицинска нега и административна помош преку проектот „Нега за стари лица во домашни услови“, проект кој пензионерите го оценуваат како најпотребен и најуспешен за нив.

Општина Центар веќе има пет функционални пензионерски клубови во урбаната заедница Мирче Ацев во Дебар Маало, друг во близина на Зеленото пазарче, уште еден во населбата Пролет кај Веро Џамбо, на улицата „Водњанска“ и во урбаната заедница „Мирче Ацев“, каде повозрасните можат да одмараат, да се дружат и рекреираат. ки/цр

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.