Акција за рушење на нелегално изграден објект, утринава се одвиваше во скопската населба Драчево.

Од Општина Кисела Вода нè информираа дека се работи за индустриски капацитет чиј сопственик ја започнал градбата кон крајот на летото, без да поседува било каков документ. Сепак, без дозвола за градба, пред очите на сите, тој се градел и стигнал до фазата во која беше денес.

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, кој присуствуваше на рушењето, упати јасна порака до сите дека од сега во општината ќе може да се гради исклучиво законски и дека нема да има толеранција за никого.

– Законот мора да важи за сите подеднакво, не смее веќе да има повластени лица и дискриминирани граѓани во Општина Кисела Вода. Денес, започнавме со рушење на диво изграден објект во Драчево, чија градба започнала без соодветната документација, но со амин од претходната општинска администрација. За ова, јас ќе имам нулта толеранција. Законот е највисоката инстанца, која никој не смее да ја прескокне ако сакаме правна држава и општина во која секој граѓанин ќе биде еднаков. Кисела Вода мора да биде општина од 21.век, општина за сите луѓе подеднакво – потенцираше градоначалникот Ѓорѓиевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.