Внукот на Мајка Тереза, скопјанецот Алојз Гомбар и неговата ќерка имаа блиц средба со папата Франциско во Спомен куќата на светицата на улица „Македонија“, но тој не успеа лично да му го даде подарокот.

Подарокот не успеав да му го дадам, бидејќи обезбедувањето не ми дозволи да го внесам. Ми рекоа да им го оставам и дека тие потоа ќе го однеле во црква и ќе му го предале, изјави  Гомбар за „Вечер“.

Според протоколот, Гомбар на Папата требаше лично да му го подари подготвениот подарок, уметничко дело што го направил ликовен уметник од Скопје, на кое е претставен чинот на пресветата причест. Насликана е Светата книга врз која е напишано God bless you (Господ нека ве благослови). До книгата е насликан калежот, тоа е чашата за причесна полна со црвено вино. Тука е и ликот на Мајка Тереза која ја држи хостијата и од каде излегува Исус. Од левата страна е насликано шише со црвено вино кое ја симболизира крвта на Исус и е симбол на животот и на христијанската вера. Ова уметничко дело е ставено во дрвена рамка, а на долната страна од рамката е втисната месингана плочка на која е изгравирана посветата до папата Франциско од „внукот на Мајка Тереза, Алојз Гомбар“.

За „Вечер“ Гомбар изјавил дека овој ден бил многу радосен за него.

Се видов со Папата и срдечно се поздравивме и се бакнавме. Тој единствено мене и на ќерка ми ни подари молитвеник со крвче на животот, ставени во плишани кутивчиња во црвена и во бела боја. Пресреќни сме, изјави Гомбар за весникот „Вечер“.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.