По маратонската седница на Советот на Општина Газа Баба, која траела околу 30 часа, опозицијата го обвини градоначалникот Борче Георгиевски дека го преземал Советот и донел одлука да се гласа за ребаланс на општинскиот буџет со што ја злоупотребил положбата. Градоначалникот, пак, ја обвинува опозицијата за блокади.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе кривична пријава против Георгиевски и советниците кои гласале за ребаланс на буџетот обвинувајќи го градоначалникот за злоупотреба на службената положба.

Велат дека причината е тоа што незаконски била донесена одлука да се гласа за ребаланс на општинскиот буџет, втор во рок од 20 дена.

Борче Георгиевски старо-новиот пулен на Зоран Заев за Гази Баба, брутално и насилнички го презеде советот, го исклучи претседавачот на советот и украде 150 милиони денари од општинската каса на Гази Баба. Со една цел-изборен поткуп. Цели 31 час непрекинато траеше седницата на која советниците на ВМРО-ДПМНЕ го спречуваа грабежот. Спречуваа грабеж и втор ребаланс на општинската каса за само 20 дена. Борче Георгиевски нервозен и во паника зошто не му поминува криминалот направи уште еден криминал и сам донесе одлука за ребаланс, надвор од закон и секоја правна логика. И тоа се откако дозна дека е повторно кандидат за градоначалник, миленик на Заев. Георгиевски ја злоупотреби својата службена положба и овластување, и на насилен начин спротивно на закон донесе одлука за гласање на ребалансот на буџет, иако не е претседавач на советот – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Додека ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ребалансот значи кражба на околу 150 милиони денари, Георгиевски ја обвинува опозицијата за блокади кои по маратонската седница биле надминати и биле обезбедени нови речиси 150 милиони денари.

И покрај сите паузи, процедурални дискусии за се и сешто и оваа блокада ја поминавме. Само за ваша информација седницата започна вчера напладне од 12 часот, а дневниот ред го донесовме дури во 19:30 часот, по што заседаваа комисиите, а седницата се одржуваше до раните утрински часови до 06:30 часот, додека продолжението на истата започна денес во 10 часот. Сите овие години, немало и нема да има, ниту една блокада која може да не спречи мене и советниците од СДСМ и коалицијата да работиме – изјави Георгиевски.

Актуелниот градоначалник на Гази Баба, на седница на Извршниот одбор на СДСМ беше потврден за кандидат за нов мандат на претстојните локални избори во октомври.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.