Дебармаалци не сакаат паркови и паркинзи, сакаат поголеми парцели за да им обезбедат станови на децата.

Иако со новиот ДУП за Градска четврт 3 12- локалитет Парк 1 и дел од Дебар Маало 2 се предвидува кај бараките на Град Скопје наместо деловен објект со пет ката, да има монтажен паркинг со спортски игралишта на покривот, а на местото на бараките на Судот за прекршоци наместо две згради да има зеленило, дебармаалци не се задоволни од измените на ДУП-от и бараат да им се зголемат парцелите и катноста, дека веќе имале преддоговори со инвеститори и дека не им треба зеленило.

Каде сте виделе во светот во центар на град меѓу зградите да има одалеченост и искористеност на парцелата до 70 проценти. Секаде објектите се залепени едни до други. Не сакаме зеленило, си го имаме паркот во непосредна близина, сакаме развој за да можеме да им оставиме станови на децата. Не ни требаат паркинг места, инвеститорите ќе направат подземно паркирање под зградите. Не го сакаме планов, повлечете го, велат тие.

Кај салата „Партизан“ се предвидува изградба на училиште и градинка. Маркичката „Кермес“ останува со максимална висина од 7,9 метри односно приземје плус еден кат. Намалена е катноста на ресторанот „Опатија“, која со претходниот план била приземје плус три ката, а сега е приземје плус еден кат.

Станбените објекти ја задржуваат постојната состојба односно висина, но им се намалува големината на градежната парцела. Тоа значи дека градежната парцела на која може да се гради и доградува објектот ќе биде 70 отсто, а другиот простор треба да биде за зеленило и паркирање. Исто така со планот се предвидува оддалеченоста од еден до друг објект да биде минимум 6 метри.

Сите сакате да имате паркинг простор, а не сакате да се откажете од дел од вашата парцела, сите сакате чист воздух, а овдека барате поголема катност, рече Биљана Насковиќ, раководител на одделението за урбанизам и планирање во општина Центар.

Јавната анкета за планот трае до 31 јануари, до кога граѓаните можат да пополнат анкетни листови со нивните забалешки во однос на планот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.