Винил хлорид мономерот ќе се преточи и ќе се транспортира од државата веднаш штом ќе дозволат временските услови потребни за безбедна работа со оваа хемикалија, тврдат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Во врска со дезинформациите кои деновиве се шират по социјалинте мрежи за опасноста од цистерната во која што е складиран отпаден винил хлорид мономер во кругот на поранешната фабрика ОХИС, МЖСПП ја информира јавноста дека таквите информации се сосема неточни. Имено на 29 јули, Држаниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) објави целосен извештај од извршени инспекциски надзори во правниот субјект Еко центар 97, Скопје, во врска со реализација на проектот за безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони на АД Охис – Скопје, која и МЖСПП ја сподели на своите комуникациски канали (https://bit.ly/31fywxw)“, соопштуваат од министерството.

Според МЖСПП, клучни информации од извештајот се тие дека е обезбеден висок степен на безбедност на цистерната со инсталирање на систем за ладење, кој , велат тие, е поставен за да се одржува температурата на цистерната согласно правилниците за чување на ваквиот вид на хемикалија во сад под притисок.

За преточување и дислоцирање на винил хлорид мономер Екоцентар 97, Скопје има ангажирано повеќе подизведувачи кои што заедно работат на комплетно решавање на проблемот и тоа: Потпишани се договори со правен субјект-Инсенератор (печка за палење отпад) од Германија (SUEZ Sonderabfallgesellschaft mbH, Schkopau) со компанија специјализирана за преточување на ваков тип на опасен отпад од Франција (Curium S.A.S., Montagny) и со транспортна компанија од Бугарија која што ги има сите потребни дозволи за транспорт на опасен отпад низ земјите на ЕУ, велат од МЖСПП.

Понaтаму, додаваат дека планираната посета на инженерите од Curium од Франција и Италија која што требаше да се реализира во втората седмица од месец март 2020 година, морала да биде одложена поради глобалната пандемија од Ковид-19 вирусот со која што беше зафатена и нашата земја и затварањето на граничните премини.

Исто така, набавени се и веќе се пристигнати 2 цистерни со специјализирана намена за складирање и транспорт на Винил Хлорид Мономер во кои ќе се преточува отпадниот винил хлорид мономер и ќе се транспортира до крајната дестинација – Инсенераторот во Германија,  велат од МЖСПП.

Во моментов, согласно препораките добиени од страна на консултаните од нашата земја и од странство, како и од компанијата преточувач Curium S.A.S., Франција, тврдат дека во наредните 2 до 3 месеци нема да има можност да биде направено преточувањето, од безбедносен аспект поради високите температури кои се актуелни во летниот период.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.