Вечерни фустани, облека и обувки што се за фрлање, влечки за на плажа, стара и замирисана облека и слични нешта кои се комплетно неупотребливи и непотребни за настраданите во земјотресот во Турција оставија граѓаните на нашата држава на плоштадот „Македонија“. Наместо хуманитарна мисија за оние на кои сега најмногу им е потребно, плоштадот се претвори во купишта со отпад кој ќе треба да се собере и фрли. Реагираат и активистите на кои граѓаните кои наместо донација, од дома го исфрлија ѓубрето, им отворија полни раце непотребна работа.

Студентите и активистите кои доброволно собираат помош на градскиот плоштад во Скопје, во вид на облека, обувки, ќебиња и други потребни работи за луѓето од регионите погодени од земјотресот во Турција и Сирија, апелираат да не се донираат стари и оштетени работи. Тие најавија дека ќе примаат донации само нови продукти во пакувана форма.

Се донираат вечерни фустани, облека и обувки што се за фрлање, папучи за на плажа и слични нешта коишто и нас како студенти не воведуваат во непријатна состојба. Ние мораме после да ги делиме работите што се за фрлање и тие што треба да ги испратиме за луѓето од регионите што беа погодени од земјотресот. И тие се луѓе, колку и да се во тешка состојба не е човечки да донираме работи од коишто сакаме само да се ослободиме и да ги фрлиме“, вели Егемен Ејуп Јуксел, еден од активистите.

Тој истакна дека засега имаат потреба на големи количина кутии и широк селотејп за пакување на целата донација којашто стигнува, како што вели, од страна на добронамерните луѓе, но и за ослободување од предметите што луѓето ги дале, како што рече, едноставно за да се ослободат од тие предмети.

Активистите информираат дека е собрана голема количина помош, но според нив, таа помош не би стигнала до луѓето коишто имаат потреба од истата без помошта на одредени компании.

Тој исто така информираше дека до сега шест шлепери се тргнати кон регионите погодени од земјотресот, а вечерва се очекуваат да стигнат уште четири шлепери за да ги соберат и останатите делови од донациите.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.