Меѓународното Здружение на граѓани Културно ехо Скопје, ќе реализира културно-едукативен настан во Домот на култура во Ѓорче Петров во петок во 20 часот. Тема на проектот „Создаваме град, градиме иднина!“ е новиот генералeн урбанистички план за Скопје (ГУП за период од 2023 до 2032 година), кој е најважниот документ за планирањето на иднината на градот.

Проектот има за цел да ја зголеми транспарентноста и партиципативноста во процесот на урбанистичкото планирање на градот, преку серија јавни настани од мултимедијален карактер, чија основна цел е да поттикнат критичко размислување и да иницираат вклучување на локалната заедница во процесот на планирањето на просторот, соопштуваат од Културно ехо.

Како што оттаму најавуваат, ќе има проекција на интерактивен документарен филм кој ќе обработува повеќе локации од важечкиот ГУП (од 2012 до 2022 година) што веќе се предмет на дебата во јавниот дискурс, а која ќе трае 30 минути. Потоа ќе следува работилница на тема: Што претставува ГУП и зашто е важен, а ќе има и дискусија на тема „Нов ГУП, нова можност за Скопје“.

Проектот „Создаваме град, градиме иднина!“ го реализира Меѓународно здружение на граѓани Културно Ехо-Скопје во соработка со здружението Ситископ – Скопје во рамки на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“ на КСП Центар Јадро, со финансиска поддршка на Фондација Отворено општество – Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.