Нови огнови и чад се појавија рано утринава во вчера опожарените објекти на поранешна „Треска“. Пожарникарите кои останале во текот на ноќта на лице место, рано утринава забележале дека има нови пламени. Интервенирано е веднаш и пожарот е локализиран. Неофицијално, опожарени биле објекти кои не биле зафатени од вчерашниот пожар во делот кој се граничи со улицата „Франклин Рузвелт“.

Можна причина за повторен пожар, откако вчера огнот таму беше локализиран, се претпоставува дека се искри од остатоците од кабли и дрва кои се лесно запалливи доколку не се отстранат што побрзо.

Според изјавите од скопската Противпожарна бригада ова не е изненадувачки со оглед дека станува збор за широко опожарено подрачје и објекти во кои има стари резервари за нафта и бензин. Пожарникарите денеска ќе продолжат со расчистување на теренот зафатен од пожарот а ќе се врши и истрагата за можните причини за пожарот.

Вчера околу 14,10 часот избувна голем пожар во кругот на поранешната фабрика „Треска“. Опожарени беа поголем број објекти. Два часа со пламените јазици се бореа 55 пожарникари.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска по локализирање на пожарот изјави дека првичните согледувања укажуваат на тоа дека пожарот бил подметнат. Апелираше надлежните институции во најкусо време да ја утврдат причината за избувнувањето на пожарот и доколку се потврди дека е подметнат, виновниците да се пронајдат и соодветно санкционираат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.