Утре во светот ќе се одбележи интернационалниот Винтер бајк то ворк деј (Winter Bike to Worк Day). Овој ден има цел да повика и мотивира што повеќе луѓе во ист ден да го изберат велосипедот како начин на транспорт до работа или училиште.

Оваа иницијатива, треба да важи за поттик што повеќе луѓе да созададат навика да го користат точакот како превозно средство, не само на овој ден, туку секојдневно, до работното место или училиштата.

Иницијативата која се организира секоја година на почетокот на февруари, годинава се случува по седми пат, а Скопје како град се придружува на истата по петти пат. На овој ден, многу продавници, локали, институции, ресторани и сл., нудат попусти и поволности за сите кои ќе ги посетат на велосипед, а многу фирми доделуваат подароци за своите вработени кои тој ден пристигнале на работа со точак, во знак на поддршка.

Лани Скопје беше истакнат од страна на организаторите поради големиот број на луѓе кои се обврзаа да го одбележат денот, со преку 1.000 поддржувачи и покрај магливото и студено време, што го стави на листата на топ 10 градови по масовност во однос на бројот на жители. Регистрацијата на учесници се одвива преку интернационалниот вебсајт преку кој поддржувачите „ветуваат“ дека навистина ќе возат на овој ден, а на самиот ден на социјалните мрежи постираат фотографии и постови со #winterbiketoworkday #WBTWD.

И оваа година, на овој ден, ресторани, продавници и кафулиња во главниот град ќе понудат поволности за велосипедистите: бесплатни пијалоци или на попуст, подароци, основен сервис на велосипедот и слично, информираат од неформалното здружение за урбан велосипедизам На Точак.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.