Десет дена пред крајот на учебната година учениците кои се сместени во ученичкиот дом „Здравко Цветковски“ се соочуваат со голгота. Имено според изјавите на родители кои контактираа со нашата редакција во домот се вршат одредени интервенции, односно се реновира, па децата во ек на завршни тестови, полагање матура се принудени да се снаоѓаат или да спијат во холот.

Десетина дена пред крајот на учебната година, кога децата ги утврдуваат оцените, а матурантите размислуваат за матурски и приемни испити, во домот се врши генералка. Условите во кои живеат децата се мизерни, но во тие услови ја поминаа целата година, можеше да се почека со реновирањето до 10 јуни. Имаме пријатели во Скопје се пресрамуваме и молиме детето да преспие кај едни, кај други за да може во мир да учи. Ги шуткаат децата да спијат во холови или по соби на другите катови, а таму нема основни хумани и хигиенски услови, вели родител за Република.

 

„Република“ разговараше и со средношколците сместени во „Здравко Цветковски“  тие велат дека порано се случувале вакви реновирања, но биле за време на летниот распуст кога домот бил празен и немало ученици, откриваат дека синоќа спиеле во една занимална каде биле наредени душеци на земја на кои тие морале да преспијат.

Уште пред две три недели ни беше кажано дека ќе не иселуваат, бидејќи домот ќе се реновира. Нѐ известија со цел ако сме во можност да си најдеме друго сместување. Но, ние освен во домот немаме друг начин за да се сместиме, синоќа група ученици спиевме на душеци на под во една занимална. Бараме решение, а од домот ни велат ако немаме решение, може да спиеме и во холот. Па ние се уште учиме, учебната година не е завршена се полагаат тестови, вака немаме услови за ништо. И минатата година реновираа, но тоа го правеа за време на летниот распуст кога немаше ученици, а не сега кога е полн средниошколскиот дом, вели за „Република“ ученичка сместена во „Здравко Цветковски“.

Бидејки ситуацијата за учениците е алрмантна, побаравме одговор од Министерството за обрзование од каде ни одговорија дека почната е процедура за менување на мебел во сите  домови, а на децата од домот „Здравко Цветковски“ им е кажано да ротираат од еден во друг кат заради безбедност при менувањето.

Пред  извесно време од Министерство за образование почната е процедура менување на мебел во сите домови. Конкретно во „Здравко Цвектовски“ исто така се заменува мебелот и на децата им е кажано да ротираат од еден на друг кат заради безбедност при менувањето на мебелот. Никогаш не е кажано дека учениците треба да го напуштат домот или дека треба сами да се снаоѓаат за спиење, велат за „Република“ од Минстерството за образование.

Се обидовме телефонски да добиеме одговор и од надлежните во домот „Здравко Цветковски“, но на бројот кој е јавно достапен никој не ни се јави.

Од информациите кои стигнаа до „Република“ процедурата за реновирање на домот додека трае учебната година била поради намерата за изнајмување на собите во „Здравко Цветковски“ за време на летниот период за фолклорни друштва од други земји кои биле најавени како гости во градот, се брзало, сѐ да биде во најдобар ред пред пристигнувањето на гостите. Во домот веќе е иселен машкиот дел, а во тек е исселување на женскиот дел кат по кат.

За ученичките домови во главниот град одговорен е „Град Скопје“, оттаму  побаравме одговор на прашањето зошто пред крај на учебната година се реновира ученичкиот дом, па учениците се оставени сами на себе да се снаоѓаат. Иако добивме ветување дека ќе добиеме одговор, до објавување на текстот тоа не се случи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.