После половина мандат на Шилегов, Скопје е град во кој хигиената е на многу ниско ниво, ова на пресконфереција денеска го рече Коце Трајановски кој истакна дека две години не коментирал ништо во врска со работењето на Петре Шилегов како градоначалник на главниот град за да не биде погрешно сфатен и да не се даде било каква политичка конотација на коментарите.

Отпадот е расфрлан околу контејнерите и на мали депонии, гледаме голема негрижа кон зеленилото, воздухот магично не се исчисти како што ветуваа, а градежните проекти скоро и да ги нема“, додаде тој.

Според Трајановски, центарот на градот е како 2 години никој да не пипнал ништо, од чистење па се до уличните кучиња, кои како што рече, никој повеќе не ги третира.

За кучињата според мои информации градот Скопје и КХС плаќаат големи суми пари на граѓаните каснати од кучиња. Се формираше и ново ЈП ‘Лајка’ кое освен за вработување на партиски и шарени послушници не видовме дека воопшто работи нешто. Програмата ‘Залови – стерилизирај и врати’ веројатно и не постои. Требаше веднаш да се прошири, модернизира и доопреми ‘Вардариште’. А, НВО не може да биде решение за вака крупна работа за градот Скопје“, смета поранешниот градоначалник.

Трајановски особено се задржа на загадувањето во главниот град и посочи дека од ветените 39 мерки за овие 2 години завршена е само една.

Воздухот не се исчисти магично, напротив, само се покажа голото политиканство на сегашните политичари кои тогаш од позиција на опозиција ветуваа се и сешто само за да дојдат на власт. Не работат мерните станици, овие 2 години во одреден период станавме најзагаден град во светот. Иако грејната сезона само што започна“, нагласи тој.

Трајановски додаде дека велосипедски патеки не се градат, со исклучок на неколку конекторски патеки.

Здруженијата за слободен велосипедски сообраќај веќе не ни потсетуваат или бараат каде се велопатеките од планот за Скопје велоград, кој беше направен додека јас бев градоначалник. Напротив беше преставен истиот план само со одложен рок за две години. Нема ниту венци или протести пред градот Скопје за прегазени велосипедисти“, кажа претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, на градежен план во Скопје во последните две години скоро ништо не се сработило.

Имаше реконструкција на неколку булевари која беше претставена како врвно градежно достигнувањ,е иако на истите тие булевари не ни беа сменети ниту рабниците. А, всушност е само гребење и асфалтирање. Сметам дека ова се направи после изгубените претседателски избори во Скопје и во пресрет на следните парламентарни избори“, изјави Трајановски во своето обраќање и додаде дека од големите градежни ветувања како голем ринг околу Скопје со булеварите „Црногорска“, „Словенечка“, „Хрватска“ нема ни трага ни глас.

Сметам дека овие две години се изгубени години за Скопје. Се најавуваат нови проекти, но сметам дека тоа е во функција на предизборната кампања со цел да ја поправат лошата слика и да добијат повеќе гласови“, додае поранешниот градоначалник на главнот град.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.