Советот на Град Скопје на денешното продолжение на 30-тата седница донесе одлука со која за нов концесионер на депонијата „Дрисла“ е избран конзорциумот предводен од „Шолц“ од Германија, составен од „Шолц“ Германија, Ц.И.O.С. – Хрватска и Сплендор Мак – Македонија.

Оваа одлука следува по судска пресуда на Вишиот управен суд.

Со ваквата одлука се овозможува да се стави крај на агонијата на граѓаните на Скопје со депонијата „Дрисла“ и се создава можност за започнување на процес на инвестиции и модернизација на депонијата „Дрисла“, која во иднина ќе прерасне во модерна депонија во која ќе се одложува и третира отпадот по највисоките светски стандарди.

По предлог на градоначалникот Петре Шилегов советниците во Советот на Град Скопје донесоа одлука да се раскине договорот со италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ и да се даде под концесија на „Шолц“, кој од 2016 година е во целосна сопственост на „Чихо Енвајрментал Груп“, една од најголемите кинески компании за рециклирање.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за одлуката, беа воздржани. Тие рекоа дека ниту една од фирмите не треба да биде избрана за концесионер туку да се распише комплетно нов избор.

Градоначалникот Шилегов најави дека ќе бара нови услови во договорот со „Шолц“ бидејќи условите се изменети од пред 6 години, колку што трае целата судска битка за „Дрисла“.

Најдоцна за еден месец ќе се потпише договорот во кој ќе бидат наведени сите услови. Многу работи се изменети и воведени се нови технологии за управување со отпадот, а ние тие ќе ги бараме и за депонијата ‚Дрисла‘“, рече Шилегов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.