Проблемот со кучињата скитници во Ѓорче Петров ќе се решава во соработка со јавното претпријатие „Лајка“, со чие раководство, градоначалникот Александар Стојкоски оствари средба.

Како што соопшти Општината, жители на Ѓорче Петров упатиле поплаки во изминатиот период, дека има и агресивни кучиња на места каде постојано се движат и деца.

Поради ова, додаваат од таму, мапирани се критичните точки каде има групирање на кучиња, за кои Ѓорче Петров доби уверување од „Лајка“ како надлежни за овој проблем, дека ќе бидат заловени и стерилизирани.

Свесен сум за проблемот, особено појавата на кучиња пред и во училиштата. Во таа насока со в.д. директорот Воислав Димитровски договоривме да организираме серија настани и презентации во образовните институции што во иднина ќе помогнат од едукативен аспект.  Со надлежните институции заеднички ќе продолжиме да работиме во оваа насока, а ќе се вклучиме и во националната стратегија иницирана од ЈП „Лајка“ која е во план да се активира, посочи Стојкоски.

Тој апелира, да не се фрла храна на животните во училишните дворови каде се движат деца, туку на места оддалечени од образовните објекти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.