Александар Стојкоски од ВМРО-ДПМНЕ води со над 3200 гласови разлика во Ѓорче Петров, каде очекува победа во прв круг. Дваесетина гласови го делат од тоа без втор круг да биде назначен за нов градоначалник на општината. Стојкоски се заблагодари на поддршката на тие кои го поддржале и вети дека биде градоначалник за сите жители. Како што посочи, со работа ќе започне веднаш.

Драги ѓорчепетровци, сакам од се срце да ви се заблагодарам за големата поддршка која ми ја дадовте во првиот изборен круг на локалните избори. Победивме многу јако во Ѓорче Петров, над 3200 гласови е разликата. Очекуваме победа во првиот круг. Дел од избирачките листови и натаму се обработуваат во општинската изборна комисија. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За обнова на Македонија’ освои апсолутно мнозинство во Советот на Ѓорче Петров. Доктор Ленче Нелоска и нејзиниот тим освоја вкупно 12 советници во Советот, рече Стојкоски.

Тој се заблагодари на сите жители и вети дека ќе биде градоначалник на сите граѓани на Ѓорче, без разлика на различностите и кој за кого гласал на изборите.

Ова е голема победа, победа на сите луѓе во Ѓорче Петров. Како што кажав во текот на кампањата, јас сакам да бидам пред се ваш пријател, а потоа и градоначалник за сите. Докажавме дека Ѓорче Петров е подготвено за промени, а промените ги носиме сите ние заедно. Јас како ваш иден градоначалник, а вие како мои сожители во Ѓорче Петров. Ви благодарам многу, со работа почнуваме веднаш, додаде Стојкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.