Со финансиска поддршка за надарените и талентирани ученици, за средношколците во социјален ризик како и за средношколци со попречености, кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска ќе создаде еднакви образовни можности за сите деца во Скопје и околината, велат од нејзиниот тим.

Таа денеска ја претстави програмата со којашто образованието ќе стане подостапно за сите деца, а градот Скопје ќе покаже дека се грижи еднакво за сите.

Ќе обезбедиме еднакви можности за образование за сите. Новата градска власт ќе преземе активности за финансиска поддршка на надарените и талентирани ученици. Ќе го финансираме настапот на научни и спортски олимпијади на средношколците и младите од градот Скопје. Градот ќе овозможи финансиска поддршка за средношколците во социјален ризик во вид на стипендија која ќе им помогне да го продолжат својот образовен процес. Поддршка ќе следи и за средношколците со попречености затоа што наша обврска е да создадеме подобри услови за новите генерации, истакна Арсовска.

Според оваа програма со цел создавање изедначени можности и услови  за напредок и индивидуален развој, планирани се и инвестиции во мултифукционални игралишта.

Училишните спортски сали ќе бидат снабдени со опрема и реквизити за лица со попречености, процес кој ќе го менаџираат стручни кадри. На овој начин ќе овозможиме спортот да биде достапен и за лицата со попречености, потенцираше Арсовска.

Програмата за образование на Арсовска вклучува поголем ангажман и поголемо внимание од градот во образовниот сегмент а посебно се посветува внимание на децата од социјален ризик и со попречености и нивната еднаква и непречена вклученост во образовниот процес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.