Ја следиме ситуацијата со коронавирусот во Италија и ќе ги почитуваме препораките од Министерството за здравство и Министерството за образование. Планираните средношколски екскурзии низ Европа засега не се откажуваат, изјави за „Република“ директорот на средното училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“, Драган Арсовски.

Средношколците кои се во трета година во април треба да заминат на планиранта екскурзија во Прага, Будимпешта и Виена.

Министерот за здравство Венко Филипче апелира до македонските државјани да не патуваат надвор од земјава ако немаат потреба. Тој додаде дека за 17 часот е закажан состанок со Центарот за управување со кризи со повеќе министри и дека дополнително ќе информираат и ќе дадат препораки до Министерството за образование дали да се откажат екскурзиите надвор од државата.

Од саботата во Италија во 11 помали градови владее карантин, а коронавирусот веќе ја зема петтата жртва.

Екскурзијата на која треба да заминат нашите ученици е во Прага, Будимпешта и Виена. Хотелите се веќе резервирани, парите се уплатени. Сами не можеме да ја откажеме. Ја следиме ситуацијата. Досега никој од пријавените ученици го нема откажано патувањето, вели Арсовски.

Министерството за здравство соопшти дека се подигнува степенот на подготвеност за превенција од и справување со евентуални заболени од коронавирусот.

Заради новонастаната состојба со коронавирусот и проширувањето на вирусот во областите Лобардија, Венето и Емилија-Ромања во Италија, утрово министерот за здравство Венко Филипче, одржа состанок со Комисијата за заразни болести на која се констатираше дека степенот на подготвеност се подигнува на повисоко ниво.

Првичните заклучоци од состанокот на Комисијата за заразни болести се дека се засилува контролата на сите гранични премини и на двата аеродроми во земјата. На граничните премини се отстапуваат посебни простории каде ќе бидат интервјуирани сите патници кои доаѓаат од ризичните дестинации и ќе се врши првичен скрининг на нивната здравствена состојба.

Ако нашата екскурзија беше во Италија, сигурно ќе ја откажевме, без размислување, вели Арсовски.

Од туристичките агенции кои имаат аранжмани за Осми март, велат дека сите предвидени екскурзии по повод Денот на жената во поголемите градови во Италија како Рим и Милано ќе се реализираат.

Поради брзото ширење на коронавирусот во Италија, словенечките власти го свикаа Советот за национална безбедност.  И покрај тоа што во Словенија се уште нема потврден случај на лице заболено со Ковид-19, здравствените власти сметаат дека е само прашање на време кога и кај нив ќе се појави вирусот, имајќи предвид дека голем број словенечки граѓани секојдневно патуваат и се враќаат од Италија.

Словенечкиот министер за здравство Алеш Шабедер изјави дека на состанокот ќе се направи план за преземање дополнителни мерки против евентуално ширење на вирусот и во Словенија.

Во Македонија досега нема заболени од коронавирус. Еден македонски државјанин е заболен на бродот кој се наоѓа на пристаниште во Јапонија, но според информациите од Министерството, тој е во добра и стабилна состојба.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.