Расфрлано ѓубре, отворени кабли, издадени железни шипки, полускапани лимови и пластики надвиснати над тротоарот е сликата со којашто веќе подолго време се соочуваат граѓаните што гравитираат и поминуваат по улица „Железничка“ (Јордан Мијалков) во непосредна близина на средното фискултурното училиште и на зградата на МВР.

Станува збор за стара трафика, која е надвор од употреба и сериозно се распаѓа. Како времен објект, предвидено е таа да биде отстранета, но освен што, уште на времето, е заградена со челична мрежа, од надлежните ништо не е направено за трафиката да биде тргната и со тоа да се овозможат услови за уредување на просторот.

Во меѓувреме, со влијанието на забот на времето, пропаѓањето на импровизираната кровна конструкција на објектот предизвикува сериозна закана за рушење, врз просторот каде што циркулираат огромен број возила и граѓани со оглед што на оваа точка се спојува еден од главните пристапи кон Министерството за внатрешни работи, како и кон улицата „50. Дивизија“ и нејзините придружни краци, каде што има голем број згради.

А, токму веднаш покрај оваа стара трафика води практично единствениот пат за кон останатиот дел од градот за сите граѓани што живеат, учат или работат во овој дел од општина Центар.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.