На денешната 41 седница на Советот на Град Скопје, по предлог на градоначалникот Петре Шилегов се стави на гласање и се изгласа одлуката за продажба на барокната Градска куќа на кејот на реката Вардар.

Денешнава седница ја отвораме со оваа точка затоа што во меѓувреме успеавме да го завршиме објектот којшто беше започнат можеби пред една декада. Објектот којшто е изграден од Градот, откако е дојдено новото раководство на градската администрација, во неговото завршување имаме вложено 3,2 милиони евра. Ова докажува дека ниту имало намера, ниту тенденција да не се заврши неговата изградба – изјави Шилегов.

Тој додаде дека се правени напори објектот да се стави во функција, но по сите направени анализи за капацитетот на изградениот објект е заклучено дека само 3 петтини од вкупниот број на вработени би можеле да се сместат во него, односно само 352 вработени.

Исто така, тој го посочи и фактот дека е крајно нефункционална внатрешноста на објектот заради неговата форма.

Локацијата на градската куќа за мене е многу несреќно избрана, бидејќи народски кажано таа е отпат и тргната е на страна од главната градска инфраструктура, а за да дојдете до неа имате слаба конекција со јавниот транспорт. И мислам дека градската куќа треба да се наоѓа на многу посоодветна локација како што и го личи главниот град и како што е стандард секаде во светот – истакна Шилегов.

Тој изрази жалење што советниците од опозицијата ја напуштиле седницата и не можеле да ја чујат неговата идеја да се формира комисија во која би членувале советници, односно да бидат вклучени сите како Совет. Таа комисија да биде задолжена за продажбата, но и за евентуалното купување на некој друг објект на многу посоодветна и подостапна локација за граѓаните на Скопје.

Сепак, би сакал да имаме надзор од Советот во целиов процес, бидејќи сакаме тој да биде јавен и транспарентен затоа што немаме што да криеме. Продажбата ќе оди со аукција, преку системот на ЗЕЛС и ќе биде видлива за сите – рече Шилегов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.