Фрапирана од вчерашната изјава на градоначалникот Петре Шилегов дека дивата депонија во Вардариште е претоварна станица, собрав сили да се обратам до вас преку видео врска во рамките на моите можности, порачува Светлана Колариќ, советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од нејзиното видео обраќање:

Со вчерашната изјава градоначалникот потврди дека воопшто не го познава Законот за управување со отпад, но не го познава ниту правилникот за минимални технички услови кои треба да ги исполнуваат претоварните станици, како и условите што треба да ги исполнуваат локациите на кои претоварните станици се поставуваат или се градат, како и рокот за одлагање на отпад од претоварна станица до јавна депонија лиценцирана.

Најмногу боли фактот што градоначалникот Петре Шилегов заедно со директорот на ЈП Комунална хигиена го кршат и Уставот на Република Македонија, односно го кршат уставното загарантирано право за живот во здрава животна средина кое е уредено за секој граѓанин кој што живее во Република Македонија.

Со депонирањето смет на несоодветен простор се загадува водата, воздухот, почвата. Со депонирање смет на несоодветна, незаштитена, неконтролирана локација се уништува севкупниот биодиверзитет,  но многу е важно што се уништува здравјето на жителите, а во конкретниов случај се уништува здравјето на жителите коишто живеат во близина на локациите на дивите депонии во Маџари, во Ѓорче Петров, и во Шуто Оризари.

Загрижена сум што учесник во депонирање смет на диви депонии е всушност Комуналното претпријатие во надлежност на Градот Скопје, и Комунални претпријатија во надлежност на останатите општини во Градот Скопје. Со вакво однесување на Градот Скопје со ваков градоначалник никогаш нема да биде ниту европски град, ниту европска зелена престолнина.

Го повикувам градоначалникот Петре Шилегов да ја преиспита својата изјава, во најмала рака да појде да ги види локациите на диви депонии и веднаш истите да ги исчисти. Исто така ги повикувам надлежните органи да го истражат секое дејствие на Јавните комунални претпријатија во надлежност на Градот Скопје и во надлежност на останатите општини во рамките на Градот Скопје.

Почитувани скопјани, да се живее во здрава животна средина е основно човеково право, државата треба да гарантира и да обезбеди услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, а граѓаните притоа да помагаат за унапредување и за заштитување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.