Социјалистичката партија на Македонија даде безрезервна поддршка и цврсто застана зад кандидатурата на г-ѓа Данела Арсовска за градоначалник на Скопје, соопштија од партијата.

Заедно со Коалицијата „Обнова на Македонија“ ја поддржавме Данела Арсовска и Програмата „Модерно Скопје“, концепт кој овозможува развој на Скопје, онаков каков што бараат и каков што заслужуваат граѓаните на главниот град.
Една година подоцна, претходно воздржувајќи се од реакција и во очекување на нејзина посериозна заложба, општиот заклучок е дека реализацијата на овој концепт е во стагнација или е исполнет многу малку.
Социјалистичката партија на Македонија имаше разбирање за ставот на градоначалничката Данела Арсовска за нејзината независност во извршувањето на должноста и обврската во реализацијата на предизборните ветувања засновани на Програмата, во насока на нејзината максимална посветеност подеднакво кон сите граѓани. Меѓутоа, за сметка на декларативната независност, неприфатлив е нејзиниот неразумен и одмазнички однос кон кадрите предложени од политичките партии кои застанаа зад нејзината кандидатура и промоција и кои несебично учествуваа во изборната кампања.
Со тоа сметаме дека таа, со потценувачкиот однос, не само што ги предаде политичките партии од Коалицијата „Обнова на Македонија“ и пошироко кои искрено и цврсто застанаа зад неа, туку ја изневери довербата и очекувањата на граѓаните на Скопје кои го дадоа својот глас за неа и за Програмата „Модерно Скопје“.
Социјалистичката партија на Македонија смета дека Арсовска повеќе не е независен градоначалник, туку само личност која, од само за неа познати причини, ја промени политичката страна и го напушти концептот кој им го ветуваше на граѓаните. Чесно е тоа јавно да се каже, а не наводната независност да се темели на оцрнување на кадрите во јавните претпријатија и градската администрација како неспособни и криминогени, што претставува апсолутна невистина. Таквите квалификации токму за неа би можеле да бидат својствени и за неа да се однесуваат.
Зошто г-ѓата Арсовска започна да се однесува на тој начин, може само да се претпостави, но тоа во ниту еден случај неможе да се одобри.
Денес неотповиклива оставка поднесе и в.д.директорот на ЈП „Паркови и зеленило“. Во изминатиот период само неговата стручност, високиот морален интегритет и посветеност во исполнувањето на предвидените програмски активности овозможија стабилизирање и развој на ова Јавно претпријатие. Дополнителните информации за проекциите за финансиската состојба во Градот Скопје и останатите градски Јавни претпријатија, без соодветна поддршка не влеваат надеж за ефикасно извршување на тековните активности на Јавното претпријатие, но и за реализација на програмските цели во делот на уредување на градското зеленило и заштита на животната средина.
Социјалистичката партија на Македонија целосно ја разбира одлуката на в.д.директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ и истата ја поддржува. Со тоа г-ѓата Арсовска во својот тим повеќе нема да има ниту еден претставник од Коалицијата „Обнова на Македонија“ која ја донесе на позицијата Градоначалник.
Воедно, напоменуваме дека Социјалистичката партија на Македонија во ниту еден случај нема да прифати да соучествува и да биде дел од новонастанатата констелација во Град Скопје каде што доминатна улога ќе има или ќе се работи под закрилата на политичка партија од извршната власт, осведочена со голиот материјално-финансиски интерес и со изневерување на интересите на граѓаните на државата и на Град Скопје, а со која СПМ оддамна нема согласност за сите прашања по идеолошка и национална основа.
Социјалистичката партија на Македонија, како сериозен политички субјект и дел од Коалицијата „Обнова на Македонија“ ќе продолжи со поддршката на сите проекти од заедничката Програма „Модерно Скопје“. Но сепак, ќе станеме силни критичари на сите испади на градоначалничката и на сите отстапки кои ќе ги направи надвор од она што им го ветивме на скопјани, стои во партиското соопштение на Социјалистичка партија
на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.