Со генералка на Водно започна најголемата еко-акција досега „Генералка викенд 2022“, во која денеска и претстојниов викенд во 26 општини ќе се реализираат големи акции за чистење.

Повеќе од 200 волонтери од Град Скопје, Општина Кисела вода и Општина Гази Баба, јавните градски претпријатија, Пивара Скопје, Пакомак, Мен енд Маунтен и амбасадите на САД, Швајцарија, Велика Британија и Холандија денеска во акција за чистење на патеките, местата за рекреација и паркинзите на Водно, како дел од најголемата еколошка акција за чистење на зелениот штит на Скопје. Ефектот од оваа акција е двоен – за секои 10 килограми собран отпад ќе биде засадено по едно дрвце.

Сакам да им се заблагодарам на сите партнери кои помагаат да ја реализираме оваа фантастична иницијатива. Пред сѐ, тука се претставниците на приватниот сектор кои ја покренаа оваа иницијатива и со кои ќе постигнеме Водно да биде почисто и поубаво место за скопјани. Сакам да се заблагодарам и на претставниците на дипломатските претставништва и на сите оние кои активно се вклучија во денешните активности. Денешната акција е навистина посебна затоа што во неа се вклучуваат 100 волонтери од приватниот сектор и од организациите кои се активно вклучени во овој проект, но и 100 волонтери од Градот Скопје, од средните училишта на Град Скопје, од комуналното претпријатие и волонтери кои доаѓаат од општините Гази Баба и Кисела Вода кои преку своите јавни претпријатија придонесуваат Водно да го исчистиме во интерес на сите граѓани, рече градоначалничката Данела Арсовска, на стартот на денешната акција за чистење.

Таа упати апел до граѓаните да придонесат за чиста природа без отпад кој треба соодветно да се собира, депонира и рециклира. Неопходно е, нагласи Арсовска, да се подигне свесноста на граѓаните дека оваа природа е природниот штит на градот Скопје.

Чистењето на Водно се врши од 9 часот до 14 часот. Со оваа еколошка акција се постигнува двоен ефект, односно за секои 10 килограми собран отпад ќе биде засадено по едно дрвце.

За сите учесници во акцијата „Генералка викенд“ се обезбедени кеси за отпад, ракавици и налепници, а волонтерите ќе бидат поделени во неколку групи за да опфатат што е можно поголем број локации на планината. Една група ќе се кажува кон врвот на Водно и ќе ја чисти пензионерската патека до Средно Водно, друга група ќе го чисти асфалтниот пат, трета група потегот од Средно Водно до полициската станица – пешачката шумска патека, а четврта група  на Средно Водно ќе ги чистат паркинзите, просторот под телескопот, паркчето со фитнес справи и кај црквата. Групи на волонтери ќе чистат и на потегот кон Матка (еден километар), видиковецот, потегот кон Горно Соње и околу крстот.

Oваа акција за чистење на отпадот и создавање еколошки одржлива иднина треба да прерасне во традиција, а напорот вложен во собирањето на отпадот секоја година да резултира со што поголем број засадени дрва.

Градот Скопје секогаш ќе подржува иницијативи за вакви еколошки акции за почисто и поубав град за сите скопјани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.