Речи си две третини од граѓани сметаат дека Македонија нема соодветен пристап во справувањето со загадувањето на воздухот, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје, а ранг-листите на најзагадени градови во светот го потврдуваат тоа.

Половина час пред полноќ Скопје беше најзагаден град во светот. Во 21 часот најголема концентрација на ПМ10 честички во воздухот беше измерена на Ректорат, 10 пати повеќе д дозволеното, а потоа следуваат скопските населби Лисиче, Карпош, Миладиновци, Гази Баба и Центар.

Според јавното мислење, 62,6% од граѓаните се на став дека земјава нема соодветен пристап во борбата со загадувањето, додека 18,1% се со спротивно мислење.

Зимата на половина, Макрадули допрва ќе дели инвертор клими

На два месеци пред завршувањето на зимата власта ќе го стартува долго најавуваниот проект за инвертор клими. Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули нагласи дека се расчистени се сите правни дилеми за реализација.

Со проектот на Владата се предвидува 10 илјади семејства од Скопје, Тетово, Битола и Кичево да добијат субвенции од по 1000 евра за купување инвертер клима во замена со печките на огревно дрво. Предност ќе имаат домаќинства со ниски приходи.

Власта најави дека ќе ги распредели ваучерите до крајот на минатата година. Зимата, пак, е во полн ек и ниските температури бараат сериозно загревање, а од друга страна, загаденоста на воздухот и натаму им создава сериозни проблем на голем дел од граѓаните, особено во најзагадените општини.

Во Скопје, еден од најзагадените градови во Македонија, но и во светот, уште поголем процент на граѓани се убедени дека државата не знае да се справи со загадувањето. Анкетата покажува дека 78% од граѓаните од Скопје сметаат дека државата нема соодветен пристап во борбата со загадувањето, додека 11,4% имаат спротивен став.

Освен граѓаните, и одговорните имаат свое мислење за загадувањето. За разлика од скопјани заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, смета дека за високите концентрации се виновни сензорите од „Али експрес“.

Градскиот татко Петре Шилегов, пак, смета дека загадувањето годинава е политиканство, а не сериозен проблем со кој треба да се занимаваат сериозни луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.