Скопје се гуши. Загаденоста во Скопје бележи рекорди, а Владата и ресорниот заменик министер за животна средина, Јани Макрадули се кријат, иако пред изборите ветуваа и го лажеа народот, изјави денес Маја Славева од ВМРО-ДПМНе

Таа истакна дека токму Макрадули и денес се уште го лаже народот со програми против загадувањето, но во реалноста не се случува ништо.

-Нема проекти, се кратат средства и ништо не се прави со аерозагадувањето кое од ден на ден е се поголемо. Парите се трошат ненаменски и без никаков ефект. Во последните три години, според Државниот завод за статистика, во Буџетот на Република Македонија се слеале околу половина милијарда евра од даноци поврзани со животната средина. Од тие средства Владата на СДСМ издвојува само 1,6 милиони евра за загадувањето на воздухот, а згора на тоа бара уште пари од донации. Секогаш ред неспособност, ред лаги, ред неодговорност, ред манипулации од Владата на СДСМ, вели Славева.

Таа посочи уште еден доказ за неодговорноста и манипулациите на новата власт.

-Јани Макрадули со целата своја неспособност уште ветува и формирање на Фонд за животна средина. За да биде апсурдот на неговите ветувања поголем, тој фонд којшто Макрадули го ветува постоеше во Република Македонија од 1995 година и беше прв таков фонд во регионот. Истиот тој фонд беше укинат од страна на СДСМ во 2005 година во време кога Макрадули беше пратеник. Во Службен Весник од 5ти јули 2005 година се објавени измените според кои во дел од финансирање на активностите во областа на животната средина, во Член 220, стои: „Со денот на влегување на сила на овој Закон, Фондот за заштита и унапредување на животната средина и природата основан со Законот за заштита и унапредување на животна средина и природата престанува со работа“. Патем, дали судбината на овој Фонд е да биде нов фонд за иновативно испумпување на народни пари во партиски џебови? Црни лаги, црн воздух, СДСМ ја направи Македонија црна држава. Макрадули, разбуди се! Не дреми, работи нешто за тоа те плаќаат граѓаните. Тие не заслужуваат да се гушат од црните лаги и црниот воздух, нагласи Славева од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.