Професор Трајко Славески, носител на советничката листа за Град Скопје, денеска на митинг од Бутел пред граѓаните ја побара поддршката од скопјани порачувајќи дека е време за промена, проекти, заеднички победи и создавање на нова иднина.

Славески вели дека од Скопје ќе направат модерен и европски град, додавајќи дека на скопјани им е доста од загаден и уништен град.

Ние скопјани повеќе не сакаме Скопје да биде валкано, замирисано, загадено, уништено. Не сакаме Скопје да биде во застој, уништено во духот. Ние заслужуваме модерно, вибрантно, европско Скопје! Наместо тоа, ние во изминативе години се соочуваме со градска управа што не може да ги остварува ни основните функции, потенцираше Славески.

Не смееме да прифатиме дека тие се најдоброто за Скопје, зашто НЕ СЕ. Ние заслужуваме многу повеќе и затоа време е да ставиме крај на ароганцијата и мрзеливоста. Време е за промени, за проекти, за заеднички победи, порача Славески.

Славески, додаде дека ја преземаат одговорноста уште во првите денови да направат промени во работењето на Советот на Град Скопје, укажувајќи дека град советот ќе работи домаќински, но ќе биде и контролор на градоначалникот и на јавните претпријатија.

Ја преземаме одговорноста да направиме промена во работењето на Советот на Градот Скопје, уште од првиот ден! Нудиме кандидати кои носат одличен спој на енергија, искуство, знаење и амбиции. На нашата листа за Совет на град Скопје има спортисти, лекари, економисти, професори, луѓе со меѓународно искуство, професионалци, млади и амбициозни, но и повозрасни и искусни, рече тој.

Ние, почитувани, за разлика од нашите политички конкуренти, не се бориме за да станеме гласачка машина во Советот на град Скопје. Се бориме за Совет што ќе биде конструктивен и ќе осигура домаќинско работење на градската управа. Совет кој ќе дава поддршка на градоначалникот, но и ќе биде нејзин контролор и будно ќе ја следи работата на јавните претпријатија и други институции каде што е градот основач, а притоа ќе работи во дослух со граѓаните, истакна Славески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.