Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески денеска изјави дека бесплатниот јавен превоз може да се реализира во догледно време со, како што рече, зголемена ефикасност на ЈСП „Скопје“.

Во моментов и изминатите неколку години со проширувањето на правата за користење бесплатен јавен превоз, почнувајќи од пензионерите, зголемувањето на бројот на денови во работната недела, понатаму студентите и други категории на граѓани, најголем дел од корисниците, оние кои се упатени на користење на јавниот превоз, веќе користат бесплатен јавен превоз – изјави Славески по конститутивната седница на Советот на Град Скопје.

Прашан за БРТ системот на јавен превоз во Скопје (Bus rapid transit – BRT), Славески изјави дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ќе има поддршка за тоа.

Ќе го поддржиме нејзиното мислење за овој проект – рече Славески.

Потсети дека ја поддржале Арсовска во изборната кампања и, како што додаде, го поддржуваме ставот да се оди со друго решение, со набавка на еколошки автобуси.

Советникот Реџеп Исмаил од Левица изјави дека тие начелно поддржуваат бесплатен јавен превоз, но, како што рече, зависи во каква форма ќе биде претставено пред нас. Смета дека тоа не може брзо туку така да биде дадено на Совет и да се изгласа.

Мора службите да поработат каков ќе биде концептот, како ќе се финансира, што ќе значи за Градот, дали има инфраструктура Градот тоа да го издржи, дали Јавното претпријатие „Скопје“ има капацитети, што треба да се прави во однос на тоа…Доколку дојде до таква работа, ние ќе ги оцениме сите постапни работи кои би требало да доведат до тоа за да да нема никакви негативни ефекти, да се минимализираат – рече Исмаил.

Според него, треба да се одредат некои социјални критериуми. Смета дека бесплатниот јавен превоз не е возможен за сите и додаде оти тоа и не е препрачливо.

Ние имаме голема класна раслоеност во Македонија, особено во Скопје, затоа тука треба пропратно со таа политика за бесплатен јавен превоз да се ограничат оние кои секојдневно со автомобили не го користат јавниот превоз, да има некое скалило за оние кои можат да го користат овој превоз бесплатно. Секако тој треба да биде достапен на повеќе луѓе – изјави Исмаил.

Додаде дека треба да се работи и на инфраструктурата во Скопје.

Тој изјави дека не е запознаен со БРТ системот на јавен превоз во Скопје и оти треба да се видат аргументите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.