Градоначалникот Петре Шилегов и градоначалниците на 10-те скопски општини денеска потпишаа меморандум за соработка за заедничко вршење на надлежностите во делот на инспекцијата.

– Од денеска, за комуналниот ред и животната средина во Скопје повеќе не постојат административни граници и пречки. Инспекторите за животна средина, комуналните инспектори и комуналните редари од Град Скопје заедно со инспекторите и редарите од сите скопски општини од денеска се дел од еден заеднички тим. Ваквиот заеднички тим го формираме заради заштита на животната средина и природата, за преземање мерки за заштита и спречување на загадувањето на водата, воздухот, земјиштето, заштита од бучава и нејонизирачко зрачење утврдени во Законот за локална самоуправа. Нашата заедничка цел е воспоставување ефикасна и независна инспекциска служба, целосно елиминирање на просторот за злоупотреби, со повеќе казни за оние што не го почитуваат законот и повеќе едукација за граѓаните во превентивна насока. Затоа со овој меморандум ги поставуваме основите за заедничко институционално делување во делот на инспекцијата, го прошируваме и надградуваме тимот и го унапредуваме целиот процес пред формирањето на заедничка комунална полиција која во градови со големина на Скопје е повеќе од неопходна – рече градоначалникот Шилегов, на денешната прес-конференција.

Со воспоставувањето ефикасен систем на контрола врз почитувањето на законите, додаде тој, во овој дел се најавува бескомпромисна борба со сите фактори кои претставуваат закана за средината во која живееме, природниот амбиент, воздухот, водата и почвата кои мора да бидат заштитени заради заштита на здравјето на граѓаните.

– Ова е еден голем чекор напред што го воспоставуваат општините. Сакам да се заблагодарам на сите градоначалници на скопските општини за нивната политичка зрелост да пристапиме кон еден ваков чин. Нашите планови за во иднина се да најдеме начин да ја прошириме оваа соработка не само на регионално ниво, туку да формираме заеднички тимови и со државните инспекторати за делување во повеќе области. Политичка волја постои, постојат ресурсите, а постојат и желбата и поривот да живееме во чиста и здрава животна срдина. Со тоа ги исполнуваме основните предуслови за заедничко делување. Убеден сум дека за една година ќе можеме повторно да се собереме со конкретни извештаи и со конкретни бројки кои ќе покажат дека сме биле во право кога сме верувале дека може да се делува заеднички и може да се успее – нагласи Шилегов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.