Скопје повторно се најде меѓу градовите што ја делат судбината со енормното загадување на воздухот. Нашиот главен град вчера беше на петтото место во светот по загадување на воздухот. Пред него беа Приштина, главниот град на Косово, Бишкек во Киргистан, Сараево во Босна и Херцеговина и Делхи во Индија.

Тоа што изминатиов период воздухот во Скопје е релативно почист во споредба со овој период од претходните години беше резултат на метеоролошките состојби. Истражувачите и екологистите објавија податоци што укажуваат дека намалувањето на штетните честици е заслуга на деновите со ветровитото време.

Многу лесно можеше да се забележи дека до Нова година имаше силно струење на ветар и загадувањето беше ниско (со минимални периоди кога ветрот стивнуваше). Од новогодишната ноќ па до 5 јануари, кога ветрот стивна, загадувањето веднаш почна да се зголемува. Ете, зошто периодов не беше загадено и зошто штом ни снема ветер повторно е загадено – наведе екоактивистот и создавач на страницата „Мој воздух“, Горјан Јовановски.

Граѓаните и екоактивистите постојано апелираат до надлежните да се применат мерки за намалување на загадувањето. Никој повеќе не сака да чека расчистување од ветровите, иако во случајов беа добредојдени.
Освен Скопје, во првите десет најзагадени градови беа градовите од соседството, како Софија и Белград.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.