Главниот град неделава повторно се наоѓа меѓу најзагадените градови во светот, овојпат меѓу првите пет.

Според мерењата на сајтот на реномираната швајцарска компанија што го следи загадувањето на воздухот на глобално ниво, Скопје од почетокот на неделава, има загадување од 186 поени според индексот US AQI за мерење на квалитетот на воздухот, што значи дека граѓаните дишат воздух опасен по нивното здравје. Од Скопје, на пример, во вторникот биле позагадени само градовите Дака во Бангладеш, Делхи и Калкута во Индија и Лахоре во Пакистан.

Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, пак, се наоѓаат меѓу десетте европски држави со најголема стапка на смртни случаи поради загаденост, покажа неодамнешното истражување на Институтот за мерење и процена на здравјето, кој е независен глобален истражувачки центар при американскиот универзитет „Вашингтон“.

Најмногу луѓе од загаденоста на воздухот умираат во БиХ, Македонија и во Црна Гора, а други причини за предвремена смртност се загадувањето од олово и проблеми на работни места.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.