Нови 540 контејнери со капацитет од 3.200 литри, 30 контејнери за селектирање отпад од 2.200 литри, 950 корпи за џебен отпад, 12 електрични машини за вакумско чистење и десет електрични возила за чистење и миење на јавни површини ќе бидат поставени на територијата на Град Скопје.

Како што појасни градоначалникот на Градот Петре Шилегов, станува збор за контејнери со највисок технолошки стандарт, познат и применет во Европа кои се на електричен погон и воопшто нема да го загадуваат воздухот во градот.

Новите 540 статични контејнери за комунален отпад се речиси со три пати поголем капацитет од досегашните. Опремени се со механизам за автоматско затворање на капакот, педала за ножно отварање, рачка за отварање прилагодена за лица со посебни потреби и на нив има упатство за правилно користење, појасни Шилегов.

Тој додаде дека во соработка со компанијата „Пакомак“ се набавени и 30 контејнери со капацитет од 2.200 литри за селектрање отпад што, како што рече, е двојно повеќе од досегашниот капацитет на контејнерите.

Четирите нови комунални возила, се опремени со технолошки најсовремен систем за статично собирање на отпадот и со нив празнењето на контејнерот го врши возачот од самото возило со што ќе се забрза и поевтини процесот на собирање комунален отпад во нашиот град, посочи Шилегов.

Тој информира дека од 950-те нови корпи за џебен отпад, 850 се направени од еластичен материјал и дополнително се заштитени од непрописно полнење со ќеси со комунален отпад и се креирани на начин да оневозможат растурање на ѓубрето од страна на животни и птици. Останитете 100, освен овие карактеристики се прилагодени и за отпадоци од домашните миленици.

Шилегов најави дека инспекцискиот надзор ќе се зголеми и ќе има повеќе казни за несовесни граѓани.

За набавка на контејнерите град Скопје обезбеди 1,5 милион евра, а две возила се од „Комунална хигиена“ и дел од грантот од Светска банка, околу 250.000 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.