На овој 8 Март, односно утре, ќе се маршира за женската сиромаштија, која се продлабочи со пандемијата на ковид-19 и сите последици.

Маршот ќе се одржи во вторник, во 12 часот, со почеток во Жена-парк, а ќе продолжи кон Владата, се вели во соопштението на Платформата за родова еднаквост.

„На 8 Март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за секојдневните системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење како слободни, еднакви, достоинствени и безбедни, оваа година маршираме под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“. Овој 8 Март го одбележува женската сиромаштија, овозможена од системот, а продлабочена како резултат на двегодишната пандемија со ковид-19 и нејзините последици.
Со почеток во 12 часот, на овој марш, заеднички ќе упатиме порака дека и покрај тоа што ние жените сме еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаме еднаквост во речиси ниту еден аспект од нашите животи, на работа или дома, во политиката и социјалниот живот.
Маршираме бидејќи држава во која жените не се вклучени како еднакви, е држава во која нема напредок. Општество во кое жените се невработени и преработени, незаштитени, виктимизирани, објективизирани и лишени од своите права, сиромашно општество.
Затоа, и оваа година ве повикуваме да марширате заедно со нас, со почеток во 12 часот пред Влада, од каде што, по нашето обраќање, ќе продолжиме по предвидената рута и маршот ќе го завршиме во Паркот Жена Борец, со обраќање до јавноста и институциите“, се вели во повикот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.