Од граѓанската иницијатива „На точак“ реагираат на фалбите на Град Скопје за булеварот „Крсте Мисирков“:

Реконструкција?
Навистина?
Ова е реконструкција?
Што е реконструирано тука?
Сменет е асфалтот во должина од 550 метри?
Во 2021 година тоа ли се смета за реконструкција на булевар со 6 предимензионирани ленти?
Обнова само на завршен слој стручно се нарекува „рехабилитација“, ама очигледно тој термин не звучи доволно силно маркетингшки, па се користат термини како “реконструкција“.
Што е тука реконструирано?
Што е тука реобмислено?
Што е тука ново воопшто?
Како се подобри безбедноста на учесниците во сообраќајот со оваа реконструкција?
Дали се побезбедни пешаците и велосипедистите кои на дневно ниво се жртви при преоѓање на пешачкиот премин? Дали навистина имаше потреба лентите да останат 6 ленти * 3.2 м = пешачки премин од речиси 20 метри без средишен остров? Нели самите стручни лица од Град Скопје кажуваа дека е безбедно да се преминуваат само 2 (максимум 3) ленти одеднаш? И секој поголем број ленти мора да има заштитни острови? Се запрашал ли некој како им е на постарите лица кога треба да го преминат овој премин? Или на лицата со пречки во движењето? На децата и младите кои се упатуваат кон МКЦ? Се зголеми ли просторот за зеленило на сметка на жешкиот црн асфалт?
Дали се слеани сите рабници или останаа високи како на бул. Александар Македонски, Партизанска, Димитрие Чуповски и многу други булевари кои беа „реконструирани“ овие 4 години?
И што со мостот?
Дали таму ќе има велосипедска патека/лента?
Според мерењата на НаТочак уличното осветлување на мостот е поставено на далечина од коловозот (125 цм) што не дозволува велосипедска патека. Самата димензија на велосипедската патека треба да изнесува минимум 150 цм, а кога е вака подигната, потребно е и заштитно растојание (мин.50 цм), односно потребни се некои минимум 200 цм за безбедно маневрирање. Тоа значи дека или треба да се дислоцира осветлувањето накај оградата (со што би се добиле 50цм заштитно растојание+150цм велосипедска патека+170цм пешачка патека =370 цм) или да се одземе коловозна лента.
Во првиот случај ќе се добие минимална пешачка патека за разминување само на двајца, што ние не го поддржуваме, освен во исклучителни ситуации. Ова е центар на град и потребни се комотни тротоари и поради тоа сметаме дека тука местото на велосипедите е на коловозот, на ленти добиени со патна диета, а на пешаците на широк тротоар на мостот и подобра позиција на осветлувањето.
Ако ниедна од овие 2 опции не е изведена при „реконструкцијата“ дали Рута 4 од Скопје Велоград (Бутел, Чаир, Центар) ќе остане пресечена на овој мост?
Зошто вакви двојни стандарди? На некои делници се стеснуват ленти (како на бул. Кочо Рацин, што е во продолжение) и се ослободува простор за пешаци, дури и се одзема лента од автомобилите (преминот кај Веро Џамбо). А на булевар со ист простор, само од спротивната страна на реката, се остава старата ситуација поради која секојдневно има сообраќајки поради брзо и невнимателно возење коли, а често дел од нив се фатални, посебно за учесниците во сообраќајот од ранливите групи.
Може со ова конечно ќе се постави вертикална и хоризонтална сигнализација на велосипедските патеки долж овој булевар, што беа „реконструирани“ во 2018-та, но незавршени 3 години? Не знаеме.
Вакви улици во 2021-ва година не смее да има, а уште помалку смее да се “реконструираат” овие улици вака. Не смее да имаме автоцентрично реконструирање на улици каде пешачките премини се долги 20 метри!
Ако се залагаме за “Градови за луѓе“, за безбедно Скопје, за вело-Скопје и тоа не се само ПР фрази, тогаш во Скопје мора да стане правило дека на секои 2 автомобилски ленти (секаде каде што може) и максимум 3 автомобилски ленти, ќе има ЗАШТИТЕН ОСТРОВ.
И навистина е лицемерно да се користат фрази во стилот „се обезбедуваат услови за безбедно одвивање на сообраќајот без да се создава сообраќаен метеж“ при одржување на живот на небезбедноста и автоцентризмот.
Напротив, со оваа реконструкција погазена е надежта за безбедно одвивање на сообраќајот на овој дел и намалување на сообраќајниот метеж преку поттикнување на други типови сообраќај освен автомобилскиот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.