За да не излезе дека за метла се фати само премиерот Заев, откако вчера градоначалниците Петре Шилегов и Стефан Богоев најавија дека планираат да ги засукаат ракавите и да ги исчистат депониите во главниот град, денеска скопскиот градоначалник се фати за работа и заедно со граѓани и активисти чистеше на локација спроти скопскиот саем.

Со масовноста на оваа акција сакаме да го привлечеме вниманието на граѓаните и да укажеме на штетноста од несовесното постапување со отпадот и опасноста од создавањето диви депонии. Депониите не само што ја загрозуваат животната средина туку претставуваат и директна закана за здравјето на граѓаните. Државниот завод за статистика неодамна објави податок дека eден жител во земјава во текот на минатата година создал 412 килограми отпад, што е за 8,6 натсто повеќе од 2017 година, изјави денеска Шилегов.

По пожарот кој изби на депонијата кај СЦ „Борис Трајковски“, вчера споменатите градоначалници беа на оваа локација која по пожарот беше исчистена од каде и ја најавија оваа акција, случајно или не, само два дена по првиот круг на претседателските избори на кои добија сериозно предупредување од граѓаните.

На ова од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Шилегов и Богоев „почнале да чистат депонија, за која имале година и пол да ја исчистат“.

Шилегов и Богоев се пофалија дека почнале да чистат депонија, за која имале година и пол да ја исчистат. Шилегов и Богоев повторно ништо не работат, но поради поразот на претседателските избори и на нивниот кандидат Стево Пендаровски излегоа пред камери да даваат бледи изјави и да се преправаат дека нешто работат, пишува во соопштението испратено до партијата.

Неколку илјади граѓани, вработени во градската администрација, општините и јавните претпријатија, студенти, претставници од невладиниот сектор и од дипломатските претставништва, како и ученици се вклучија во масовната акција за расчистување диви депонии на територијата на Скопје, која се одвива денеска во сите 10 скопски општини, информираа денеска од Град Скопје.

И покрај тоа што тајмингот на оваа акција е крајно симптоматичен и во најмала рака задоцнет, да се надеваме дека нема да трае само неколку дена и дека нема да биде само еден исклучок во мандатот на Шилегов, па како замена за исчистените депонии да добиеме двојно повеќе нови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.