Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во врска со независната советничка листа на еко-активистите кои планираат да влезат во трка на локаланите избори, изјави дека секој има право да избира и да биде избран.

Шилегов истакна дека ја поздравува секоја иницијатива што може да придонесе за развој на демократијата и која може да развие алтернативни политики кои потоа заедно би биле имплементирани во пракса.

Ќе ги видиме резултатите од изборите и која листа како ќе освои, каква ќе биде структурата на Советот и тогаш од позиција на градоначалник ќе ја реализирам соработката со членовите на Советот на Град Скопје – изјави Шилегов, одговарајќи на новинарски прашања.

На прашање зошто Скопје не влезе во потесниот круг во трката за „Зелен град“ во Европа, Шилегов одговори дека е задоволен што досега двапати влегол во втората фаза на изборот односно меѓу осум од 30 што конкурираат.

Тој посочи дека има девет критериуми по кои се врши проценката и дека особено треба да се подобри енергетската политика. Ѓилегов изјави дека дивоградбите не влијаат на изборот зашто биле друга проблематика, но додаде дека и правилната урбанизација може да придонесе во позиционирањето при изборот.

Драго ми е што Скопје вторпат преминува во втората фаза и од 30 градови на почетокот, ние влегуваме меѓу првите осум. Тоа е добар напредок за нашиот град. Тука се врши проценка на стратегиите што градот ги спроведува – од инфраструктура до енергетска политика во чија имплементација сме на почеток. Драго ми е што во рок од три години успеваме Скопје да го симнеме од најзагадените градови во светот подолу од 400. место. Веќе немаме екстремно загадени денови, во сезоната што помина немавме ниту еден ден во кој требаше да има вонредни мерки – изјави Шилегов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.