Јас сум припадник на Македонската православна црква и тоа го почитувам. Она што мислам дека се наметна како лажна дилема кога е верата во прашање, е дека не се слават датумите, туку Бог. Од тие причини, ако го славите Бог, тогаш веројатно е и релевантен датумот – изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во врска со неговиот предлог за датумот за прославата на Божик.

Она што јас лично го размислувам и убеден сум дека тое е мислење можеби на 80 проценти на граѓаните на државата, припадници на МПЦ. Треба да знаеме дека надвор од припадниците на МПЦ има и други граѓани кои се во друга христијанска црква, католичката, протестанската. Моето лично мислење е дека тој тип на големи празници Божик, Велигден, треба да ги славиме сите заедно. А, пак велам, во што верувате вие: во датумот или во Господ. Тоа е клучното прашање кое треба да го поставува секој од нас. Јас повеќе верувам во Господ, отколку во датуми – одговори Шилегов на новинарско прашање на денешната промоција на новиот парк во населба Топанско Поле.

Тој посочи дека Синодот е тој што одлучува и дека кога ќе биде Божик има различни верски пресметувања.

Моето лично мислење е дека тоа треба да го правиме со остатокот од цивилизираниот свет. Освен нашата држава, Русија и Србија не постои друга држава што го применува Јулијанскиот календар во пресметувањето на времето. Меѓутоа, тоа е одлука на Синодот – рече Шилегов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.