И во наредните 40 дена, граѓаните ќе треба да го одбегнуваат со сообраќај мостот „Гоце Делчев“, или пак да се навикнат на сообраќајниот метеж, поради градежните работи кои се одвиваат таму. Денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов информираше дека станува збор за дилатација што не е извршена повеќе од 13 години

Ќе треба да издржиме наредниве 40 дена, да имаме сообраќаен метеж или ќе падне мостот „Гоце Делчев“. Лето е, луѓето не се толку присутни и вистинско време е да ја извршиме таа дилатација на мостот – рече Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање.

За потсетување, поради градежни активности за реализација на проектот „Реконструкција на дилатации на мост Гоце Делчев во двата правци“, на дел од бул. Гоце Делчев, од денеска е воведен привремен сообраќаен режим, што фазно ќе го опфати потегот од крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски до крстосницата со улицата Филип Втори Македонски, како и булеварот ВМРО од булеварот Партизански одреди до самиот мост.

Градежните работи ќе се изведуваат во две фази, истовремено во двете насоки на движење на мостот.

Во првата фаза при изведба на градежните работи, сообраќајот на потегот од Мавровка кон Влада ќе се одвива во две сообраќајни ленти, а сообраќајот на потегот од стара пошта кон Судска палата ќе се одвива само во една сообраќајна лента. Во втората фаза при изведба на градежните работи сообраќајот на потегот од улица Филип Втори Македонски кон бул. Илинден ќе се одвива во само една сообраќајна лента, додека сообраќајот во спротивниот правец ќе се одвива во преостанатите две сообраќајни ленти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.