Откако им порача на поѓарникарите да си најдат поплатена работа ако не им одговара актуелната, Шилегов им појде во Автокоманда и оствари средба со пожарникарите од оваа станица.

Денеска, како што видовте, со дел од Противпожарната бригада имавме состанок. Јас не сум човек што бега од проблемите и сакам да ги видам сите луѓе што имаат проблем со начинот на исплата на платата на пожарникарите. Овој проблем е стар повеќе од 15 години, мапиран е и лоциран е, направена е работна група, се вршат измени во Законот за пожарникарство, коишто треба да стапат на сила во јуни 2021 година, каде што дел од барањата што ги имаат пожарникарите ќе добијат законски основ. Во меѓувреме секој од пожарникарите, по своите поединечни тужби ги добива надоместоците, односно Градот им ја врши исплатата. Со цел да помогнеме да се забрза тој процес или да има законски основ да ги исплаќаме, ние нудиме во тој процес да влезе и медијација, со цел некаде во јуни 2021 година, кога ќе стапи на сила Законот, едноставно до тогаш да не бидат пожарникарите оштетени – изјави Шилегов по средбата со пожарникарите.

На средбата со пожарникарите градоначалникот Шилегов нагласи дека Градот не е институција што носи закони, но ги има мапирано и лоцирано проблемите и во рамките на Министерство за одбрана, Министерство за финансии, Министерство за локална самоуправа, како и ЗЕЛС, работната група го работи текстот и законот што треба да стапи на сила 2021 година. Исто така, тој појасни дека не станува збор за недостаток на волја, туку станува збор за недостаток на законски основ за да може да се исплаќа платата така како што бараат пожарникарите.

Меѓутоа, пожарникарите не се задоволни и велат дека имало доволно време да се средат законските измени.

Не сме задоволни од денешната понуда на градоначалникот кој е три години на функција. Имаше време да го среди Законот досега и ние ќе продолжиме со нашата агенда, односно протест пред Град Скопје. Протестот ќе биде секој ден во работното време на градоначалникот. Само смената што е на работа ќе си остане на работа со полн капацитет, изјави Дејан Исајевски, командир за одделение во Бригадата за противпожарна заштита и член на иницијативниот одбор.

Тој вели дека медијацијата што ја понудил Шилегов останува и прашањето со тужбите ќе се реши со или без медијација, но тие сакаат да се регулира овој проблем со платите за да не се соочуваат со него секој месец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.