Инспекторите на Град Скопје денеска извршија вонреден инспекциски надзор во просториите на Специјалната болница по гинекологија и акушерство во Чаир, по пишувањата во медиумите дека котелот што се користи за загревање на просториите и на водата за потребите на болницата чади и прекумерно загадува.

Инспекторатот на Град Скопје денеска ја задолжи болницата да направи мерења на емисиите на издувните гасови од оџакот со акредитирана лабораторија за мерење.

Инспекторатот на Град Скопје досега двапати интервенираше во Специјалната болница по гинекологија и акушерство во Чаир, а денеска инспекторите повторно се упатија таму на вонреден инспекциски надзор, како последна опомена до болницата, но и до Министерството за здравство да си го променат котелот. Доколку надлежните не постапат на тој начин, болницата ќе биде затворена од страна на Градот. Не сакаме да предизвикаме криза, но, мора конечно секој да си ги заврши своите обврски. Тој котел загадува, веќе двапати е констатирано, а известување за тоа е дадено до директорот на болницата. Очекувам дека надлежните интервентно ќе реагираат по однос на овој проблем зашто во тој круг се раѓаат бебиња, рече денеска градоначалникот Шилегов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.