Чистењето на коритото на Вардар е законска обврска на Град Скопје и за вакви активности не е потребна дозвола од никого. Вака искоментира градоначалникот Петре Шилегов по стопирањето од страна на Инспекторатот на активностите на чистење на песочниот остров во речното корито кај населбата Ќерамидница. По пријава на граѓани, Инспекторатот ја издал забраната повикувајќи се на член 142 од Законот за води со кој за вадење на песок, чакал и камен од коритата и бреговите потребна е дозвола.

За вакви активности не е потребна дозвола, туку само да се извести инспекторатот. Ќе бев многу посреќен истата инспекторка што шири дезинформации да го спречеше поставувањето на бродовите во коритото на Вардар. Тогаш беше нем сведок на лудилото што се случи во нашиот град. За да се постави брод во речното корито потребна е дозвола, а таа тогаш ја дала. Ако истата госпоѓа дала дозвола да става бродови, а сега прави проблем дека чистиме остров, јасно ви е за кого станува збор – рече Шилегов.

Тој рече дека отстранувањето на галиите во Вардар ќе го чини градот од 6 до 7 милиони евра.

Кога ќе се заплени имотот на ВМРО-ДПМНЕ, најбогатата партија во Европа и ќе се продаде, дел од парите ќе ги искористиме да ги отстраниме бродовите – потенцира Шилегов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.