Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, денеска во Основен суд Скопје 2 го застапуваше Градот во процесот за уривање на галијата поставена во коритото на реката Вардар, во непосредна близина на хотелот „Холидеј ин“.

Судот за денеска закажа рочиште за да постапува по одлуката на Апелацискиот суд со која се укинува неговата одлука за запирање на уривањето на галијата по жалба на управителот.

Како што се наведува во соопштението од Град Скопје, Шилегов е законски застапник на институцијата Град Скопје и тој има право да го застапува Градот во секоја постапка.

Сите го превидуваат фактот дека галијата е урбана опрема. Согласно со законските прописи, тоа е еднакво на тераса од кафуле. Градот Скопје може во секое време одобрението за поставување урбана опрема да го раскине, со кој било правен субјект вклучително и со сопственикот на галијата. Дали е тоа повреда на определено право, во смисла на материјална штета е работа на секој субјект, потоа дали ќе го тужи Градот Скопје за штета или не. Овде сега расправаме, на судска расправа, што е за мене апсурдно, за правото на Градот да го раскине договорот, односно да го укине решението за поставување урбана опрема. Замислете ако со секој ресторан или секое кафуле на кое му го одземаме решението завршуваме на суд со судска постапка. Галиите во Вардар не се ништо друго освен урбана опрема. Она што беше мое внимание, е да по моја проценка и по проценка на службите во Градот Скопје го раскинеме договорот со цел евентуалното материјално побарување за штета го осуетиме, зашто се самите виновни зошто е раскинат договорот. Неприкосновено е правото на Град Скопје да го уредува поставувањето на урбана опрема. Според мене, овде разговараме за една по малку апсурдна ситуација, дали ние како Град Скопје на ресторани на кои им издаваме решенија за поставување летни тераси воопшто имаме право да ги укинеме. Мислам дека тоа право судот недоволно добро го ценеше во првостепената постапка. Тоа право на Градот да го укине таквото решение Апелациониот суд добро го утврди – изјави градоначалникот Шилегов по судското рочиште.

Во врска со другите галии сместени во коритото на реката Вардар, Шилегов објасни дека Градот Скопје може во секое време да ги раскине тие договори.

Она на што јас внимавав, а за конкретниот случај беа исполнети и други услови што гарантираат дека евентуалното материјално побарување на сопственикот на галијата ќе биде осуетено, односно нема да можат да го реализираат. Доколку Градот Скопје сака да плати штета, ние може денеска да ги раскинеме сите договори, но јас кажав во една прилика, станува збор за сума од околу 5 милиони евра за трите галии. Овде се создадоа услови за раскинување на договорот на начин што евентуалната тужба за штета нема да биде на штета на Град Скопје, затоа што не беа платени 4 кирии. А, за правото на Град Скопје да ги раскине договорите, тоа е неприкосновено – нагласи Шилегов.

Тој рече дека очекува да се расчистат ваквите правни дилеми што постојат и за галијата кај Пошта и дека очекува набрзо да се рестартира процесот за дислокација и на оваа галија.

За мене е попаметно да одиме полека, чекор по чекор, за да не предизвикаме материјална штета на Градот. Инаку, ако сакаме да ги платиме, галиите можеме да ги платиме уште денеска, да ги раскинеме договорите и да ги отстраниме од коритото на Вардар. Но, ќе се потрудиме преку правната мудрост да го направиме тоа без да имаме штета. Јас сум должен да се грижам и за јавните материјални средства од Буџетот на Град Скопје. Ако сакавме да му наштетиме на Буџетот, ние можевме еднострано да ги раскинеме договорите и досега да ги платиме. Но, јас не мислам дека нечии лудости од минатото треба да ги плаќаат граѓаните на овој град. Затоа е попаметно, трпеливо, да се создаде правна ситуација во која е извесно и ќе се гарантира дека Градот нема да има материјална штета со отстранување на галиите – вели Шилегов.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.