Денеска ќе испратиме допис до Општина Сарај со налог за уривање на дивата платформа на кањонот Матка, вели раководителот на Инспекторатот за животна средина на Град Скопје Мирослав Богдановски.

Откако вчера САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека платформата од железна конструкција се гради во езерото, инспекторите од Град Скопје излегле на терен. По направениот увид било констатирано дека платформата треба да се урива оти во кањонот не смее да се градат ниту времени објекти.

На лице место немаше никој, ниту вчера, ниту денес. Немаме информации која е намената на платформата, но таа е дивоградба. Град Скопје нема надлежност да урива објекти, тоа го прават општините. Затоа со допис ќе ја информираме Општина Сарај дека станува збор за дивоградба и треба веднаш нивната градежна инспекција да ја отстрани. Доколку Општината не го стори тоа ќе го информираме и државниот инспекциски совет. Во Матка никакви градби не смее да има, станува збор за заштитено природно богатство – вели Мирослав Богдановски.

Градоначалникот на Општина Чаир Блерим Беџети ниту денеска не одговараше на нашите повици да објасни како нивните инспектори дозволиле да никне дива платформа на Матка и кога ќе постапат по налогот на Град Скопје за уривање.

Платформата од железна конструкција се гради во езерото, покрај патот на кањонот. Распослана е од бетонскиот ѕид до патот, низ карпите на кањонот и неколку метри во езерото. Покрај платформата стојат и цевки и дрвени греди, а на едниот крај изведена е дрвена куќарка, која личи на шанк.

Кањонот Матка е под надлежност на Град Скопје и Општина Сарај. Токму градоначалникот Петре Шилегов во јуни лани кажа дека Матка заслужува поголема грижа со цел максимално искористување на нејзиниот туристички потенцијал, а неколку пати најавуваше носење на Закон за заштита на Водно и Матка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.