Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ чиј носител е актуелната советничка во општината Центар Јана Белчева се противи на усвојување на предлог одлуките кои се ставени на дневен ред на седницата на Советот на општина Центар за четврток на 16 септември 2021 година, информира Граѓанската иницијатива.

– На дневен ред се ставени точки со кои се планира службените лаптопи кои советниците со мандат од 2017 до 2021 ги добија на користење да им се предадат во приватна сопственост, да се даде ексклузивитет на кошаркарскиот клуб Работнички кому спортските сали на осумте општински основни училишта му се нудат без надоместок и предлог за 26 предизборни вработувања – велат од „Шанса за Центар.

„Шанса за Центар„ потсетува дека улогата на советот законски е огромна и предвидува дека избраниците на граѓаните на локално ниво решаваат за петнаесетина клучни надлежности на општината без кои не може градоначалникот сам да носи одлуки, а една од нив е дека „решава за начинот на располагање со сопственоста на општината“. Од граѓанската иницијатива нагласуваат и потсетуваат дека советниците имаат клучна улога во носењето на политики кои треба да го унапредат квалитетот на животот на сите жители на општината. Советниците треба да делуваат во корист на жителите на општината од кои се избрани, а не во корист на политичките партии што ги предлагаат.

– Предлагаме таблетите и лаптопите кои со предлог одлуката треба да преминат во приватна сопственост на советниците по 17 октомври, да се преименува и тие да се донираат на училиштата во општината. Во услови на постепена дигитализација во училиштата, сметаме дека оваа пренамена на ресурсите ќе биде од корист на општината. Го поддржуваме развојот на спортот во општината, но времето во спортските сали треба рамноправно да се распредели на сите спортови за кои децата имаат интерес и без ексклузивитет кон Работнички. Особено што Работнички салите ги добива без надомест, а родителите плаќаат полн надомест за децата да тренираат. За предлог одлуката да се одвојат пари за нови 26 вработувања од општинскиот буџет за 2022 година потсетуваме дека според став 1 од членот 2а од Изборниот законик, од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборите не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции – велат од „Шанса за Центар“.

Граѓанската иницијатива смета дека на речиси еден месец до локалните избори тоа е начин за поткуп на гласачите на кои им се ветуваат вработувања ако победи мнозинството во досегашниот совет, односно коалицијата предводена од СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.