8-годишната Ерина и 7-годишната Ермина се сестрите на Елиф, која исчезна за време на поплавите што пред три години го зафатија регионот на Сингелиќ. Тие сѐ уште имаат свежи сеќавања за нивната сестра Елиф, која тогаш имаше само 16 месеци. Фуркан, заедно со неговата сопруга и ќерката Елиф, на денот на поплавата тргнале да изразат сочувство кај роднини. На враќање кон дома, водата го однесе и нивниот автомобил.

-Јас се сеќавам, имав 5 години – вели едната сестричка за ТВ21.

Исуф Фејзулаху, на тој ден се сеќава како вчера, но сепак ги задржува солзите. Тој го изгуби синот Фуркан и внуката, Елиф. Вели дека каде и да оди го гледа лицето на Елиф и копнее нејзиното тело да биде пронајдено.

-Синот го најдов, но којзнае каде завршило телото на малата Елиф – вели Исуф.

Семејството Димитриевски од Стајковци едвај се спасиле од обилните врнежи. Лидија Димитриевска раскажува дека нејзините две деца се спасиле, но куќата им претрпела голема штета. Поплавениот подрум сѐ уште не е саниран, бидејќи стравуваат да не се повтори слична непогода.

Раните по изгубените блиски не ги лекува времето. Жителите од овој дел на Скопје чувствуваат морници секогаш кога раскажуваат за тој ден. Го молат Бога никому и никогаш да не му се случи ваква катастрофа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.